Мисија

Македонската младина алка за обединување на Македонците во Австралија

Македонската Православна Младина на Австралија (MOYA) одбележа 10 години од нејзиното основање. На јубилејната прослава биле присутни голем број православни верници од македонската заедница, како видни лица од заедницата и политичкиот живот на Австралија, но и претставници од другите помесни цркви.

Посебна чест на прославата преставувало присуството на игуменот Гаврил, кој има голема заслуга за развојот на MOYA.

Отец Гаврил смета дека MOYA е организација која треба да ги обединува младите во љубовта и дека таа е зародиш на обединувањето на Македонците во Австралија.

  • Гордоста е лоша работа, но кога се работи за група на млади луѓе кои живеат и работат за и во слава Божја ќе се осмелам да кажам: “МOYA I’m proud of you!”. Прв пат после 10 години бев како гостин, а не како дел од организацијата. Децата се потрудија овој ден да биде единствен и незаборавен од повеќе аспекти. Салата беше полна. Имаше претставници од сите три генерации на возраст. Од најмалите (заради кои и постои оваа организација) па до највозрасните. Имаше претставници од сите Православни Цркви кои егзистираат на тлото на Мултиетничката Австралија. Имаше претставници и верници кои се црквуваат и во двете македонски православни епархии на МПЦ-ОА. Затоа овој настан може и да го окарактеризираме како историски и почеток на нова ера од постоењето на МПЦ во Австралија, која ќе биде носена од духот на љубовта, разбирањето, толеранцијата, простувањето и единството. Господ нека ја благослови оваа Организација и да им даде вечно постоење до краевите на векот!, напиша Игуменот Гаврил на својот фејсбук профил.

Претседателот на MOYA ­ Ананија Ананиевски, во името на членовите изразил голема благодарност кон отец Гаврил, бидејќи токму тој сиве овие години бил нивната главна мотивација, прво на духовно ниво, а после и со сите останати активности и проекти.

  • Без него, ние би се соочиле со многу потешкотии, кои најверојатно не би можеле да ги преживеме самите. Како знак за длабока почит за сета негова љубов и поддршка, младите му подаруваа мошне уникатен и несекојдневен подарок ­ карикатура со нашите ликови и ликот на отец Гаврил, потенцира Ананиевски.

Инаку, и Митрополитот Тимотеј, администратор на Австралиско -­ сиднејската епархија, испратил писмена честитка до MOYA, во која го дава својот архипастирски благослов за организацијата да продолжи со своите активности во духот на православието и за корист на целата македонска заедница во Австралија.